I Меѓународна Конференција, “Transport for Today’s Society”, Битола, 19 – 21 Мај 2016

Во годината во која се одбележуваат два значајни јубилеја на високообразовната дејност во Битола, (1100 години од смртта на Св. Климент Охридски и 55 години од формирањето на Техничкиот факултет), раководството и академскиот кадар на Технички факултет,  ја организира I Меѓународна Конференција од областа сообраќај и транспорт, “Transport for Today’s Society”, (www.ttsconference.org), која ќе се одржи во Битола, во периодот од 19 Мај до 21 Мај 2016 година.

 

Коорганизатори на Конференцијата се:

Сообраќаен факултет Белград, Република Србија

Факултет за Технички Науки Нови Сад, Република Србија

Факултет за Транспорт, Катовице, Република Полска

Факултет за поморство и транспорт, Порторож, Република Словенија

Сообраќаен факултет Добој, Република Босна и Херцеговина

 

Согласно основните насоки за развој на областа сообраќај  и транспорт во наредните триесетина години, (обезбедување на услови за поголема мобилност, заштита на животната средина, повисок степен на безбедноста во сообраќајот), планирањето во сообраќајот, сообраќајно – транспортната инфраструктура, транспортната економика, логистиката, транспортот и животната средина, безбедноста во сообраќајот, одржливите урбани системи, управувањето и контролата во сообраќајот, интермодалниот и мултимодалниот транспорт, интелигентните транспортни системи, во рамките на различните видови на превоз, (патен, железнички, воден, воздушен, поштенски), се само некои од темите кои ќе бидат предмет на научни и стручни анализи и дискусии во рамките на Конференцијата.

Во таа насока е поставена и основната цел на Конференцијата: Презентација на научни и стручни достигнувања и размена на искуства во областа сообраќај и транспорт, согласно основните предизвици во  нејзиниот развој предвидени со релевантните глобални документи.

Членовите на меѓународниот програмски одбор се реномирани научни и стручни работници од Република Македонија, регионот, Европа па и пошироко (Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Словачка, Полска, Литванија, Велика Британија, Јапонија).

Имајќи ја во предвид важноста од анимирањето на помладите колеги за учество на ваков вид на собири, во рамките на Конференцијата е предвидена можноста за постер презентација на резултатите од стручните и научно истражувачките активности на студентите од прв, втор и трет циклус на универзитетските студии.

Селектирани трудови од Конференцијата, ќе бидат објавени во „Хоризонти“ Серија Б, меѓународното научно списание на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, лиценцирано во EBSCO базата на податоци.