Македонското научно друштво учествуваше на тркалезната маса „Европската диплома преку заеднички дипломи – почнува дома“

Македонското научно друштво учествуваше на тркалезната маса „Европската диплома преку заеднички дипломи – почнува дома“, која се одржа на 5 јуни 2026 година во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), во рамките на Европската универзитетска алијанса COLOURS. Настанот обедини претставници на европски институции, национални тела за високо образование, универзитети и универзитетски алијанси од Македонија и Европа, со цел размена на искуства и препораки за развој на заеднички студиски програми и Европската диплома.
Во име на Македонското научно друштво и асоцираните партнери на Алијансата COLOURS – Хидробиолошкиот завод Охрид и Нова Солушнс Битола – се обрати претседателката на Друштвото, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Таа истакна дека Македонското научно друштво, како едно од најстарите независни научни здруженија во државата со повеќедецениска традиција во научноистражувачката дејност, ја поддржува иницијативата за Европска диплома и развојот на заеднички студиски програми како можност за создавање поотворен, пофлексибилен и поинклузивен европски образовен простор.
Во своето обраќање, Андоновска-Трајковска нагласи дека универзитетот на иднината треба активно да ги вклучува научните друштва, истражувачките организации, индустријата, јавните институции и граѓанскиот сектор во процесите на учење, истражување и иновации. Таа посочи дека Македонското научно друштво располага со значајни научни, образовни и инфраструктурни ресурси кои можат да придонесат во развојот на микро-квалификации, интердисциплинарни семинари, програми за учење базирано на предизвици, како и во обезбедување менторство, истражувачки ресурси и експертска поддршка за студентите и партнерите во рамките на Алијансата COLOURS.
Притоа беше истакната и улогата на Друштвото како долгогодишен промотор на научната мисла преку издавањето на научното списание „Прилози“, меѓународното списание „Современи дијалози“ и бројни научни публикации, како и преку работата на неговите специјализирани центри.
На крајот од своето обраќање, претседателката на Македонското научно друштво, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска порача дека Европската диплома не е само прашање на усогласување на квалификациите, туку претставува можност за создавање нови простори за учење, иновации и соработка, при што Друштвото е подготвено да ги стави на располагање својата експертиза, ресурси, инфраструктура и академски мрежи во поддршка на заедничката европска визија.
Со своето учество на овој значаен настан, Македонското научно друштво – Битола уште еднаш ја потврди својата посветеност кон унапредувањето на научната и академската соработка и активното вклучување во европските образовни и истражувачки процеси.