Седници на Управен одбор 2018 / 2020

Управниот одбор на МНД-Битола, првата седница во новоизбран состав ја одржа на 11 јуни 2018 година, а на дневен ред беше Информација за подготовките за академски настан, промоција на академик Таки Фити во редовен член на МНД-Битола, како и одлуките за членување на претседателот на МНД-Битола во Научниот Совет на ЈУ НП „Пелистер“-Битола, публикување на списанието „Современи дијалози“, и јавен повик за трудови за новиот број на списанието „Прилози“.

Втората седница на УО на МНД-Битола се одржа на 25 јуни 2018 година и притоа се донесоа следните одлуки: Одлука за поддршка на Иницијатива на Педагошки факултет при УКЛО-Битола за доделување на државна награда „Св. Климент Охридски“ на професор д-р Цветко Смилевски, член на МНД-Битола, Одлука за издавање на книга „Лобирање во културата – конзулската дипломатија во Битола“ од авторот д-р Марјан Танушевски, проект поддржан од општина Битола во рамки на БитФест, и промоција на изданието Критика на деморализираниот ум од академик Георги Старделов.

3-та редовна седница на Управниот одбор на МНД-Битола се одржа на 18.09.2018, и притоа освен вообичаеното усвојување на записникот, членовите на управниот одбор без забелешки ги усвоија извештаите и реализацијата на финансиските извештаи за  реализација на проект поддржан од Министерство за култура, списание „Современи дијалози“, реализација на проект во рамки на „БитФест“ поддржан од општина Битола, книга „Лобирање во културата – конзулската дипломатија во Битола“ од авторот д-р Марјан Танушевски, реализација на проект поддржан од АЛДА-Скопје, документарен филм „Уметникот од фронтот – Валентин“.

Со одлука на УО на МНД-Битола, проф. д-р Изабела Филов избрана е за секретар на Одделение за применети науки и медицина.

4-та редовна седница на УО на МНД-Битола се одржа на 06.11.2018 г. и притоа членовите беа запознати со учеството на МНД-Битола во јавниот повик за Министерство за култура за аплицирање со проекти во Национална програма на министерството, беа информирани за активностите на претставникот на МНД-Битола во Националниот Совет за соработка на граѓанските организации со Владата на Република Македонија, како и за ко-организирањето на меѓународни научни конференции.

5-та редовна седница на УО на МНД-Битола се одржа на 26.12.2018 г. На седницата членовите донесоа одлука за публикување на списанието „Прилози“ на англиски јазик, и тоа е прв таков пример во историјата на МНД-Битола. Членовите на УО ја прифатија информацијата за реализираниот оглас и извршен избор на менаџер и администратор на проектот “Plan Doiran” кој се реализира со поддршка на Европската Унија. На оваа седница УО донесе одлука за издавање на книгата „Магијата на магискиот реализам во сказните и романите „Сребрените снегови“ од Ж. Чинго и „Сто години самотија“ од Г.Г. Маркес“, од авторот м-р Даниела Петровска.

6-та седница на УО на МНД-Битола се одржа на 06.02.2019 година, на која е усвоена годишната програма за работа на друштвото, а беше донесена и одлука за коорганизирање на меѓународна научна конференција со Правен факултет при УКЛО-Битола.

7-ма седница на УО на МНД-Битола се одржа на 19.03.2019 г. Членовите на УО усвоија Извештај за финансиското работење на МНД-Битола во 2018 година заедно со Извештај од Надзорен одбор на МНД-Битола. На оваа седница беа донесени одлуки за почнување постапка за публикување на книга „Од предците за потомците“, поема од авторот м-р Зоран Пејковски и книгата „Форензичка ревизија на финансиските извештаи“ од авторот д-р Пеце Николовски.

8-ма седница на УО на МНД-Битола одржана на  24.04.2019 година во пресрет на денот на основањето на МНД-Битола 25.04.1960 година. На оваа седница за редовен член воМНД-Битола примена е д-р Драгица Оџаклиеска.

9-та седница на УО на МНД-Битола одржана на 05.06.2019 година. На оваа седница беше утврдена програмата за посета на најмалата библиотека во светот, АЛ-БИ која се наоѓа во демирхисарското село Бабино.

10-та седница на УО на МНД-Битола се одржа на 03.09.2019 година на која учесниците на седницата ги разгледуваа и дискутираа за идеите за начинот на одбележување на големиот јубилеј – 60 години МНД-Битола. На седницата беше потврдена иницијативата за соработка со здружението за наука „Сајанс“-Велес во рамки на проектот „Науката, човеково право“, чиј координатор е д-р Невена Груевска. На оваа седница учесниците дадоа поддршка за коорганизација на Меѓународна научна конференција „Знаењето – капитал за иднината“ – Кавала 2019.

11.седница на УО на МНД-Битола се одржа на 28.10.2019 г., а членовите беа информирани за  19 – тата Пелагонска културно – научна средба на која организаторот на МНД-Битола додели Благодарница. На посебна точка од дневниот ред  д-р Невена Груевска даде информација  за започнатата соработка меѓу МНД – Битола и здружението „Сајанс“ од Велес. Таа истакна дека идејата е здружување на заеднички активности и проект на двете здруженија по повод одбележување на Денот на науката во ноември 2019 година за што е обезбедена и финансиска поддршка од Општина Битола за реализација на овој проект. Со одлука на УО за редовни членови примени се м-р Билјана Марковска и д-р Моника Марковска, и исто така дадоа поддршка за апликацијата до Општина Битола за буџетска поддршка на програмските активности на МНД-Битола по повод јубилејот 60 години од основањето на Друштвото во 2020 година. Во рамки на оваа седница УО ги поддржа двете идеи и апликации за учество со проекти на јавниот повик на Министерството за култура за 2020 година. Претседателот на МНД – Битола, д-р Марјан Танушевски даде информација во врска со програмата на МНД – Битола за изложбата на книги „Книги…историја, иднина“ која ќе биде отворена на 01.11.2019 година во рамките на Програмата за прослава на 4.Ноември – Ден на ослободување на Битола.

12 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 4 декември 2019 година, а членовите на УО донесоа одлуки за: издавање на книгите „Сенки во љубовта“и „Исповеди и екстази“ од авторот д-р Лили Бошевска, книга „Обликувано е име Република Северна Македонија“ од авторот д-р Ѓорѓи Михајловски, а прифатена беше идејата на ликовниот уметник Панде Петровски за јубилејно лого на МНД-Битола кое ќе се употребува само во 2020 година.

13 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 25.12.2020, а членовите на УО на МНД-Битола го утврдија роковникот за изработка на годишна програма за работа на Друштвото во 2020 година, и донесоа одлука за прием на д-р Ице Илијевски за редовен член на МНД-Битола.

14 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 06.02.2020 г., и притоа едногласно беше прифатена програмата за работа на органите и телата на МНД-Битола во 2020 година, како и одлуката за изработка на јубилејна монографија на МНД-Битола чиј автор е д-р Марјан Танушевски, членови на редакцијата се д-р Лидија Стефановска и д-р Мимоза Б. Јовановска, додека за рецензенти беа избрани д-р Борис Ангелков и д-р Игор Неделковски.

15 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 28.02.2020 г., а учесниците на седницата беа информирани за резултатите од националниот конкурс на Министерството за култура од каде пристигна информација дека двете апликации се прифатени.

16 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 25 април 2020година и за прв пат во историјата на Друштвото седницата беше одржана преку видео комуникациска платформа. Седницата имаше една точка односно онлајн одбележување на 60 години од денот на формирањето на Друштвото. На седницата сите учесници искажаа честитки и импресии по повод роденденот на Друштвото, а претседателот на МНД-Битола воедно автор на јубилејната монографија приреди куса презентација, додека пак промоцијата дополнително ќе се одржи.

17 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 14.05.2020 г., а учесниците на седницата донесоа одлука за одлагање на редовното годишно изборно собрание на МНД-Битола заради вонредната состојба во РС Македонија и борбата против Ковид-19 на сите нивоа. Со одлуката продолжен е мандатот на избраните органи и тела на МНД-Битола се до изборот на нови органи и тела на МНД-Битола. Одлуката во целост јавно е доставена до членовите на МНД-Битола.

18 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 29.05.2020 г., и притоа главна тема на седницата беше Извештајот за реализација на проектот „План Дојран“. Детална информација за организација и реализација на проектот даде менаџерот на проектот Ивана Степанулевска, а низ дискусија, членовите на УО на МНД-Битола дадоа јавна поддршка за овој важен проект поддржан од Европската Унија кој воедно ја подигнува референцата на МНД-Битола во поглед на меѓународната соработка. На оваа седница УО донесе одлука за редовни членовида бидат примени м-р Емилија Сарафска и Елизабета Јончиќ.

19 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 23.06.2020 г. и според востановената пракса, членовите на УО на МНД-Битола најнапред без забелешки го усвоија записникот од 18 седница, а потоа дискутираа за Завршна сметка за финансиското работење на МНД-Битола во 2019 година. Сите материјали на овластениот книговидител, предадената завршна сметка во УЈП, како и Извештајот од посебна редовна седница на Надзорен одбор на МНД-Битола беа доставени во електронска форма заради online седница. Членовите на УО без забелешки и едногласно ја усвоија Завршната сметка за финансиското работење во 2019 година, а исто така донесоа одлука за прием на д-р Драган Јованов за редовен член.

20 седница на УО на МНД-Битола се одржа на 10.09.2020 г., и за прв пат по подолго време во живо во просториите на НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола со почитување на мерките за заштита од Ковид-19. Членовите на УО без забелешки го усвоија Записникот од 19 седница, а потоа едногласно донесоа Одлука за одржување на изборно Собрание на МНД-Битола.