МНД ЈА ОБЈАВИ КНИГАТА „ДРВОТО ШТО ГЛЕДА: ПОЕЗИЈА ИНСПИРИРАНА ОД ДЕЛАТА НА РАНКО СТРУМЕНИКОВСКИ“

Македонското научно друштво – Битола ја објави книгата „Дрвото што гледа: Поезија инспирирана од делата на Ранко Струмениковски“, по повод одбележувањето на 90 години од раѓањето на академскиот сликар Ранко Струмениковски (1936-2000) којшто бил член на Одделението за уметност на МНД – Битола.

Приредувачи и уредници на книгата се: д-р Тања Струмениковска-Ристевска, д-р Драган Ристевски, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Весна Мундишевска-Велјановска.

Со поетски остварувања инспирирани од дела на Ранко Струмениковски, кои стојат како илустрација на секоја поетска творба, застапени се поетите: Даниела Андоновска-Трајковска, Лили Бошевска, Милица Димитријовска-Радевска, Љубинка Донева, Златко Жоглев-Олгин, Елизабета Јончиќ, Биљана Котевска – Димко, Милчо Мисоски, Марија Младеновска-Димитровска, Весна Мундишевска-Велјановска, Борче Панов, Христо Петрески, Мирјана Стојановска, Габриела Стојаноска, Добре Тодоровски и Васил Тоциновски.

Предговорот за книгата го напиша д-р Драган Ристевски, а рецензенти се: Владо Ѓорески, д-р Весна Калпаковска и проф. д-р Биљана Цветкова Димов.

Компјутерската обработка и дизајнот на корицата ги изработи Весна Мундишевска-Велјановска, фотографиите – д-р Драган Ристевски, а лектор е Јулијана Јосифовска.

 

ИЗВАДОЦИ ОД ПРЕДГОВОРОТ И РЕЦЕНЗИИТЕ:

Д-р Драган Ристевски: „Инспиративниот графички и сликарски опус на Ранко Струмениковски, суптилноста и лиричноста на неговите дела се значајни фактори и поттици за големиот интерес кај поетите за создавање песни мотивирани од неговите дела. И не без причина. Питомоста и кроткоста беа карактерните особини кои го красеа ликот на Ранко Струмениковски кој, пак, својот лиризам на мошне успешен начин го преточи во неговите сликарски дела, во неговото богато творештво во областа на графиката, сликарството и во применетата уметност“.

Владо Ѓорески: „ „Дрвото што гледа: Поезија инспирирана од делата на Ранко Струмениковски“ е специфичен, антологиски потфат во кој со своевиден ренесансен, синтетизиран и комплексен творечки чин, поетското во јазичната структура е најдиректно и конкретно инспирирано од поетиката на визуелните импресии и реализации на академскиот сликар Ранко Струмениковски“.

Д-р Весна Калпаковска: „Книгава што е пред нас дословно спојува уметнички дела, стихови со слики, сликите создаваат зборови, а зборовите се кондензираат во слика; гледајќи слика да доживуваш поезија, читајќи поезија да чекориш низ мистичните врвици на четката по платното. Според зборовите на великиот Хоратиј секоја од овие уметности создава ефект кај гледачот и кај читателот од различна перспектива, секој има свој калеидоскоп и оптика за доживување на уметноста и секој дава прилог во животот на песната и на сликата“.

Проф. д-р Биљана Цветкова Димов: „ Поетите, секој со свој препознатлив поетски израз, реагираат на визуелните импулси не како илустратори, туку како коавтори во процесот на толкување и надградување на визуелниот наратив. Така, од секое дело произлегува поетска „паралелна стварност“ – понекогаш медитативна, понекогаш критична, но секогаш интимна и искрена“.