ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ВЛАДИМИР КОСТОВ

 

ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ВЛАДИМИР КОСТОВ

(22 септември 1932, Битола – 3 јануари 2023, Битола)

 

Денес, на 3.1.2023 год., на деведесетгодишна возраст, почина Владимир Костов, еден од најзначајните современи македонски книжевници, битолчанец и долгогодишен член на Македонското научно друштво – Битола. Во 2023 година, во чест на животот и делото на Владимир Костов, Македонското научно друштво – Битола ќе организира стручна трибина на која ќе биде посуштински елаборирана и претставена неговата повеќедецениска книжевна и професорска дејност.

 

 

Владимир Костов  (22.9.1932 г.  Битола – 3.1.2023, Битола) е македонски писател, член на Друштвото за наука и уметност (сегашно Македонско научно друштво-Битола) од 1977 год.,  член на Друштвото на писателите на Македонија од 1983 год., член на Асоцијацијата на независните писатели на Македонија  од 1988 год., почесен доктор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (од 2010 год.), почесен член на Македонската академија на науките и уметностите (од 2016 г.). Основното и средното (гимназија) образование ги завршил во Битола, во 1955 година дипломирал на Филозофскиот факултет при „Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, група Југословенска книжевност, а потоа се вработил во Радио Скопје. Во 1956 година се вратил во родниот град и почнал да работи како професор по македонски јазик во Средното ветеринарно училиште, а во 1964 година бил избран за професор на Педагошката академија во Битола каде работел сè до своето пензионирање. Во 1957 година, Владимир Костов бил еден од основачите на КУД „Илинден“ и негов долгогодишен уметнички директор. Во 1963 година се појавува и како еден од основачите на литературното списание „Развиток“ каде бил долгогодишен главен и одговорен уредник. Автор е на повеќе научни и стручни текстови од областа на јазикот и книжевност и застапен е во повеќе антологии. Има објавено повеќе романи, збирки новели и раскази, драми и книги за деца и млади. Прва објавена книга му е романот „Лица со маски“ (1967). Неговите дела тематски се поврзани со настани од историјата и современиот живот на Битола. Некои негови дела се и драматизирани и тоа: „Свадбата на Мара“ (1977) во изведба на Народниот театар од Битола, а е одиграна на повеќе сцени во Македонија и Југославија како, Сараево, Стериино позорје во Нови Сад, Дубровнички летни игри, и др.), „Грешниот Захарија“ (1986), ) во изведба на Народниот театар од Битола, во режија на Љубиша Георгиевски и одиграна на Фестивалот за мали и експериментални сцени во Сараево, „Црквичето Четириесет маченици во Битола“ (2001) во  изведба на Народниот театар од Битола. Добитник е на значајни награди меѓу кои: „4 Ноември“ на градот Битола, „11 Октомври“, „1 Мај“, „Рациново признание“, „Ванчо Николески“.

 

 

Објавени дела:

Лица со маски (роман, 1967)

Свадбата на Мара (роман, 1968)

Нов ум (роман, 1970)

Учителот (роман, 1976)

Црквичето Четириесет маченици во Битола (роман, 1984, 2022)

Вујко (роман, 1984)

Клетва (роман, 1989)

Последното целивание (роман, 1992)

Грешка (краток роман, 1992)

Битолски триод (роман, 1994)

Сениште во град Битола (роман, 1994)

Битолска хроника – обителска трагедија (два кратки романи, 1998)

Тане (роман, 2000)

Писание за Страшниот суд (роман, 2011), Матица македонска

„Дива мисла“ (роман, 2014), издание на Матица македонска

„Љубоболие“, 2018, Матица македонска

„Патар“, 2020 (кратка проза), Матица македонска

„Битолијада“, 2021, на англиски, Матица македонска

„Декалог“, 2017, Силсонс

„Игра“ (кратки раскази, 1969)

„Ах, бре“ (кратки раскази, 1970)

„Шумата ечеше“ (сказна, 1982)

„Грешниот Захарие“ (новели, 1986)

„Тестамент“ (кратки раскази за млади)

„Чума“ (новели, 1989)

„Келешот“ (новели)

„Маргарит“ (кратки раскази, 1996)

„Строгата школа на животот“(кратки раскази за деца и младинци, 1998)

„Хераклејски мозаик“ (збирка од 201 расказ, 2003)

„Битолијада“ (2006)

„Скршена чаша“ (раскази, 2007)

„Лингва латина“ (раскази, 2010, Матица македонска)

„Даровна“ (раскази, 2012, Матица македонска)

„Патар“ (раскази, 2020, Матица македонска)

„Каде си тргнал, сине“ (роман за млади, 1982)

„Тој ми кажа“ (роман за млади, 1992)

„Солза за Мите“ (роман за млади, 1997)

„Еврејчето Шами“ (проза за деца и младинци, 2007)

„Скршена чаша“ (раскази, 2007)