ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „СУСПЕНДИРАНА ИТНОСТ. ЕСЕИ ОД КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ ОД ИВАНА ХАЏИЕВСКА

На 27 септември, во организација на Македонското научно друштво – Битола, во Културниот центар Магаза, се одржа промоцијата на книгата „Суспендирана итност. Есеи од крајот на времето“, на авторката и историчарка и член на МНД, Ивана Хаџиевска, во издание на издавачката куќа „Илика“.

Стануваше збор за збирка есеи пишувани во периодот од 2014 до 2024 година – една декада на истражувачки и ангажирани работни искуства – како што беше појаснето во воведниот дел на настанот. Есеите се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија.

Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ja допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците. Едно од доминантните прашања, се и политиките ан сеќавање, т.е. манифестациите на минатото во општествата и нивната (зло)употреба. Својствата на изданието беа разоткривани низ разговор со авторката, кој го водеше Елена Ристевска Лутовска од долгогодишната битолска иницијатива за дебатно кино – КонтраКадар. Придружна поетска интерпретација изведе младата актерка Елеонора Блажевска, која го интерпретираше рециталот „Навистина, живеам во времиња мрачни! – Брехт, Вапцаров, Манојлов“. Една од главните теми беше токму прашањето за критичката релација на хуманистичките дисциплини и културата со општеството во периоди на кризи, како и важноста на социјално-ангажираните колективи за заедниците.

Настанот беше помогнат од независните културни иницијативи од Битола: Пондер, КонтраБиблиотека и КонтраКадар, а беа презентирани и нивните активности.