Деновиве, во издание на Македонско научно друштво – Битола, од печат излезе книгата поезија „Монолог на пирејот“ од писателката Љубинка Донева. Рецензенти на книгата се проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Весна Мундишевска-Велјановска која ги изработи и дизајнот на корицата и графичкото уредување на книгата.
„Во книгата поезија „Монолог на пирејот“ на писателката Љубинка Донева, пирејот е предлошката во чија интертекстуалност впечатлив е преплетот на пирејот со корените на другите стебленки од оваа книга, кои истовремено се издвојуваат и како специфична посебност со своја непобитна вредност и сите заедно во прекрасна лирична севкупност. Овој поетски монолог на Љубинка Донева зачнат во нејзините разговори со себеси, примарно вплетен во композицијата на песните, го допира срцето на секој читател така што од секој стих витално виреат откорнатиците од душата на авторката како лечебна молитва и завет за достој чиј ек е дожег за секој родољуб, длабоко емоционален и трогателен ек што ќе одекнува низ етерот на татковината, но и многу подалеку – до недосег.“ – истакнува во рецензијата Весна Мундишевска-Велјановска.
Љубинка Донева е истакната македонска писателка. Член е на ДПМ. Била член на редакцијата на „Стожер“ (гласило на ДПМ), член на жири за доделување на награда „Ванчо Николески“ (за книга за деца) и член на жири за доделување на награда „Ацо Шопов“ (за поезија). Автор е на збирките песни: „Длабока соба“, „Мојата азбука“, „Детали во светоста“, „Приказната што (не) ја следам“, „Сезона на пелинот“ (награда Даница Ручигај), „Монолог на пирејот“, „Собата остави ја топла“ (избор од љубовната лирика) и „Мост кон јоргованите“ (избор поезија на бугарски јазик). Автор е на „Собирачите на пластични шишиња“, збирка раскази, како и на книгите за деца и млади: „Царка Ветерка“ (повест, преведена на бугарски јазик), „Откривање на кодот“ (раскази), „Саканија“ (поезија), „Ние животните и вие децата“ (поезија), „Танцот на боите“ (драмски текст) и „Змејот Праведник и самовилската мајка“ (авторска бајка). Од областа на книжевната критика, нејзини книги се: „Исчитување естетики“ (добитник на наградата на „Битолски книжевен круг“), „Вертикали на македонската книжевност“ и „Континуитети“. Исто така, Љубинка Донева е автор и на „Речник на творештвото на Светлана Христова-Јоциќ“ и коавтор на „Учебник по македонски јазик за учениците од V одделение со турски и албански наставен јазик“. Учествува(ла) на значајни поетски манифестации, а добитник е на наградите: „Ars poetika“, „Даница Ручигај“, „Бронзена повелба“ на БПУ (Балканска песничка унија), Сараево, „Грамота за негување европски вредности“ (Бугарија) и „Грамота за меѓународна соработка“ (Бугарија). Живее и твори во Кочани.

