ПРОМОЦИЈА НА АНГЛИСКОТО ИЗДАНИЕ НА РОМАНОТ „ТРИ МАРИИ“ ОД ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА

На 4 мај 2026, во просториите на Педагошки факултет – Битола, се одржа промоција на англискиот превод на романот „Три Марии“ од авторката Оливера Ќорвезироска. Организатор на настанот беше Педагошкиот факултет – Битола, додека како коорганизатори се јавуваат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Македонското научно друштво – Битола.

Преводот е изработен од студенти од насоката Англиски јазик и книжевност – Стефани Ралоска, Стефани Лингуровска, Михаела Апостолоска, Катерина Станојоска, Ивана Начоска, Надица Николоска Филипоски и Мане Николоски под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска.

Станува збор за четврт ваков проект реализиран на Факултетот во последните неколку години, а воедно и прв англиски превод на ова дело. Како што беше нагласено, студентите го избрале романот веднаш по неговото објавување, кога ја добил Рациновата награда за 2025 година без да претпостават дека наскоро ќе ги освои и признанијата „Стале Попов“ и „Роман на годината за 2025“, како и дека авторката ќе биде прогласена за „Автор на годината“.

На промоцијата присуствуваше и авторката Оливера Ќорвезироска која го поздрави ангажманот на студентите и ја истакна нивната посветеност кон книжевноста и преведувањето. Со поддршка за проектот се обрати и Бранка Бугариска, извршен директор на „Арс Ламина“ која во соработка со Педагошкиот факултет – Битола го објави преводот.

Свој осврт даде и Амбер Ширдаун, Фулбрајтов стипендист и асистент по англиски јазик на факултетот која истакна дека преку романот се запознала со македонските обичаи и традиции, нагласувајќи дека преводот успешно ја доближува содржината до англиското говорно подрачје.

Студентите-учесници посочија дека проектот им овозможил да стекнат значајно практично искуство, како во преведувањето, така и во тимската работа и соработката. Настанот заврши со лотарија, при што двајца присутни добија примероци од оригиналното и од преведеното издание на романот „Три Марии“.