МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО ЈА ОДРЖА ПРВАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „КНИЖЕВНИ ВЕРТИКАЛИ“ НА БИТФЕСТ 2025

На 18 и 19 август 2025 година, во Културен и информативен центар Офицерски дом – Битола  во организација на Македонско научно друштво – Битола за прв пат се одржа манифестацијата „Книжевни вертикали“ во рамки на Битфест 2025. На 18 август 2025 со почеток во 19 и 30 ч. беа направени книжевни портрети на Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска – и двајцата реномирани македонски писатели со бројни награди и објави во странство. За писателите зборуваа проф. д-р Златко Жоглев, м-р Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска и Милица Димитријевска Радевска, а настанот го модерираше проф. д-р Билјана Граматковски. За музичкиот дел се погрижи реномираната пијанистка и професорка м-р Горјана Стојановска. Во текот на вечерта Панов и Андоновска-Трајковска рецитираа своја поезија, зборуваа за поетското творештво како креативен чин, но и за делата кои беа претставени.

На 19 август 2025 во 11 ч. во Кристалната сала на Офицерски дом – Битола беа промовирани списанието „Современи дијалози“ и зборникот на трудови „Женски книжевен хабитус“ – и двете изданија на Македонското научно друштво – Битола. Два броја од списанието „Современи дијалози“, бр. 14 и 15 беа промовирани од проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска која истакна дека на него посветено се работи во текот на целата година и кое е едно од најзначајните книжевни списанија кое на околу 450 страници годишно објавува поезија, проза, драма, книжевна, театарска, драмска, ликовна и музичка критика од македонски автори, но и поезија во препев на македонски јазик од голем број автори од странство од околу триесетина земји од светот. Исто така се објавуваат и ликовни дела на значајни домашни и странски уметници како најава за секоја рубрика.  Весна Мундишевска-Велјановска го промовираше зборникот на трудови „Женски книжевен хабитус“ којшто содржи авторски текстови на значајни книжевни критичари за авторки кои се родени или живееле во Битола во дваесеттиот век по одржана тркалезна маса во март 2025 година во организација на Македонско научно друштво – Битола. Потоа се одржа поетско читање на кое учество зедоа петнаесетина поети и поетеси, членови на МНД и/или Друштвото на писателите на Македонија, но и други автори од Битола. Овој настан е еден од многуте настани кои Друштвото ги организира оваа година во чест на одбележувањето на 65 години од своето постоење.