СО НАУЧЕН СОБИР ПО ПОВОД 1140 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА СВ. МЕТОДИЈ МНД ГО ОДБЕЛЕЖА И ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ

Во атмосфера исполнета со академски дух и историски размисли, Македонското научно друштво – Битола во соработка со невладината организација Културал Конекшн од Битола, организираше научен собир посветен на 1140 години од смртта на Св. Методиј на 23 мај 2025 година во просториите на Друштвото. Собирот свечено го отвори проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседател на МНД, истакнувајќи го значењето на Св. Методиј во контекст на културното и научното наследство на словенските народи. Модератор на настанот беше м-р Стефан Караџовски, овозможувајќи динамичен дијалог меѓу присутните. На настанот се разгледуваа историските, лингвистичките и културолошките аспекти на делото на Св. Методиј, а свои научни излагања имаа доц. д-р Анита Ангелевска, проф. д-р Валентина Гулевска и м-р Иле Велков. Научниот собир не беше само почит кон Св. Методиј, туку и сведоштво за потребата од континуирана научна работа и меѓусебна размена на знаење – столбови врз кои се гради иднината на академска сцена. Со овој настан МНД го одбележа и денот на Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.