Пред многубројна публика на 19.6.2025 година во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа промоција на поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски во организација на Македонско научно друштво – Битола. За книгата која е издание на МНД, зборуваа рецензентите Борче Панов, проф. д-р Златко Жоглев и проф. д-р Гордана Стојаноска, а поезија од Андоновски читаше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД која исто така го модерираше и настанот.
„Како извонреден лиричар Андоновски постојано ни го открива контрастот на нештата во овој свет во кој сè повеќе го снемува човекот и врз лицето на глобусот ни ја создава фантастичната метафорична слика за ветрот кој го персонифицирал како пајак што ни ја плете црната пајажина што ни навлегува во мислите и го слушаме како гавран што нè клука како длето и во нас го ваја стравот од сето она што се случува пред сите закани на уништувањето“ – истакна Борче Панов во своето излагање.
Според проф. д-р Златко Жоглев „„Небо врз црвливи диреци“ е поетска збирка која нуди длабоки размислувања и емоционални доживувања, претставени преку префинето избрани зборови и ритмика. Преку различните теми и фази на животот, Андоновски успева да го пренесе својот уникатен поглед на светот и да го поттикне читателот на размисла и саморефлексија“.
„Книгата „Небо врз црвливи диреци“ на Божин М. Андоновски, всушност е потрага по најдлабокото чувство кое авторот го врзува со реалноста, таква каква што е, и неговото целосно отфрлање на можноста каква било лага да ги извалка доказите дека таа е до својата срцевина изгниена, најчесто изопачена и неретко сурова и сирова до болка“ истакна проф. д-р Гордана Стојаноска на крајот од претставувањето.

