ЧЕСТВУВАЊЕ НА 90-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ВЕЛИКАН ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

Македонското научно друштво – Битола,  во соработка со Педагошки факултет Битола, УКЛО- Битола, Студентски сојуз при УКЛО, Europe House, Aрт Поинт -Гумно, Задружен дом во с. Слоештица и  Арс Ламина организираше настан за чествување на 90- годишнината од раѓањето на МАКЕДОНСКИОТ ВЕЛИКАН ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ.
На вечното почивалиште на Андреевски свежо цвеќе положија претседателот на МНД- Битола д-р Невена Груевска, амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија г-дин Дејвид Гир, градоначалникот на општина Битола г-дин Тони Коњановски, членови на потесното семејство и останати почитувачи на ликот и делото на Андреевски.
Манифестацијата продолжи во Задружниот дом во с. Слоештица каде членовите на МНД- Битола и останатите гости имаа можност да ја посетат и спомен собата за Петре М. Андреевски. Настанот беше збогатен со рецитал на избрани песни од богатиот поетски опус на нашиот поетски македонски великан, посебно од неговата најпрочуена стихозбирка „Дениција“. Со цел присутните поблиску да се запознаат со ликот и делот на Петре М. Андреевски, настанот вклучуваше и квиз со едукативен карактер. И рециталот и квизот беа подготвени од студенти на Педагошки факултет – Битола. Претседателката на друштвото во знак на благодарност на претставниците на Задружниот дом во с. Слоештица им врачи книги, донација од издавачката дејност при МНД – Битола, како и од Педагошки факултет – Битола, со цел збогатување на фондот на книги на библиотеката во с. Слоештица.
По завршувањето на рециталот и квизот, присутните се упатија во Арт Поинт – Гумно, каде свечено беше откриена скулптура од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов, инспирирана од „Песна за мојата песна“ објавена во безвременската поетска збирка на Петре М. Андреевски, „Дениција“.
Настанот  финансиски беше помогнат  од Општина Демир Хисар, ПроКредит Банка и СН Осигурителен брокер АД Битола.