„ТЕКСТУРИ НА ПОСТОЈБАТА“ – НОВА КНИГА СО КНИЖЕВНА КРИТИКА НА ПИСАТЕЛКАТА ВЕСНА МУНДИШЕВСКА-ВЕЛЈАНОВСКА

Македонското научно друштво – Битола ја издаде книгата со книжевна критика „Текстури на постојбата“ на писателката Весна Мундишевска-Велјановска. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Рецензент на книгата е проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, која меѓу другото истакнува: „Мундишевска-Велјановска е во постојана потрага по нови форми, значења, визури, прекршувања на мислата и перспективи на гледање. Нејзината перцепција на објективната и идеолошката стварност е во симбиоза со острата и прониклива перцепција на светот на фикцијата и на поезијата. Просто, воодушевува нејзината способност со ласерска прецизност и точност да погледне во телото на книжевниот текст, да го разглоби на неговите составни елементи, да го анализира секој елемент посебно од различна перспектива, но и од надвор и од внатре, а потоа да ги утврди релациите меѓу тие елементи, нивната функционалност и законитостите поради кои се остварува дискурсот.“

Дизајнот на корицата е на Ангел Велјановски, а автор на илустрациите во книгата и на корицата е ликовната уметница Љубица Мешкова Солак.

Весна Мундишевска-Велјановска е авторка на 13 книги поезија, 3 книги со критичко-есеистички текстови и 3 книги со песни за деца, а (ко)автор е и на 6 стручни книги за наставници и 5 учебници за средно образование (за графичка струка), како и на стотина трудови од областа на образованието. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии и добитничка е на награди. Главен уредник е на списанието за култура „Современи дијалози“ и член на Управниот одбор на Македонското научно друштво – Битола. Била уредник и главен уредник на неколку списанија и билтени („Раст“, „Прилози“, „Плима“, „Изрек“, „Грст“, „Графопрес“, „Разгледи“, „Воспитни крстопати“), како и на педесетина поетски книги и зборници. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, како и секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ и член на Уредувачкиот совет на МНД. Настапувала на бројни книжевни манифестации, а ја уредувала и водела радио емисијата „Поетска квечерина“ на Радио Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“.  Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 г.