СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 65 ГОДИНИ МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО – БИТОЛА

На 24 април 2025 година Македонското научно друштво го прослави својот голем јубилеј 65 години од основањето со свечена академија која се одржа во НУ Народен театар Битола со почеток во 19 ч. „Кога пред 65 години, на 25 април 1960 година, нашите претходници, научници и културни дејци го основале Друштвото за наука и уметност, кое потоа во 2002 година е преименувано во Македонско научно друштво, имале пред себе тешка и одговорна задача, да овозможат Битола да биде расадник на науката и културата во време во кое во градот немало универзитет или институција која посериозно ќе се занимава со наука. Тоа бил ден кога градот Битола добил институција посветена на развојот на науката, уметноста и образованието, институција што ќе остави неизбришлива трага во културниот и научниот живот на градот, но и во Македонија. Имено, Македонското научно друштво е најстаро научно друштво во државата. Македонската академија на науките и уметностите е основана во 1976 година, 7 години по основањето на ДНУ, сегашно МНД“ – рече на почетокот претседателката на МНД, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, а потоа ја истакна улогата што ја има Друштвото денес, соработката со МАНУ, со научни, образовни и културни институции и со стопанството како и реализираните и планираните настани во различни научни и уметнички области кои МНД ги има во својата програма за одбележување на јубилејната 2025 година. Истакната беше и издавачката дејност, но и научното списание „Прилози“ кое се објавува од 1960 година, како и Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ кое излегува од 2013 година. На крајот од своето излагање претседателката Андоновска-Трајковска ја искажа својата благодарност до градоначалникот на Општина Битола кој го финансираше снимањето на филмот „МНД – 65 години наука, уметност и култура“, но и на потпретседателката на МНД, проф. д-р Силвана Нешковска за нејзиното несебично вложување во подготовката на филмот, на студентите на УКЛО и на сите кои учествуваа во снимањето.

За значењето на МНД во сферата на науката и уметноста зборуваа проф. д-р академик Блажо Боев, научен секретар на МАНУ, ректорот на УКЛО и поранешен претседател на МНД – проф. д-р Игор Неделковски кој ја истакна и поврзаноста на МНД со УКЛО, заменик министерот за образование проф. д-р Лулзим Алиу и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски кој рече дека Општина Битола и понатаму ќе остане партнер и поддржувач на научните иницијативи и развојот на знаењето.

МНД додели плакети на институции како благодарност за долгогодишната соработка со Друштвото и тоа на: Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Министерството за образование и наука, Општина Битола и НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Посебни признанија добија долгогодишните членови на МНД кои повеќе од три децении соработуваат и ги поддржуваат активностите на МНД, поранешните претседатели на МНД, проф. д-р Сотир Пановски, проф. д-р Борис Ангелков, проф. д-р Марјан Танушевски, проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Невена Груевска. Благодарници примија институции, компании, здруженија и поединци со кои МНД има потесна соработка. На свечената академија им беше посакано топло добредојде и на новите членови на МНД примени во 2025 година, вкупно 10 на број, кои добија диплома како потврда за членство во Друштвото (Марија Бошевска, Благојче Најдовски, Дарко Вељановски, Татјана Срцева Павловска, Марија Младеновска Димитровска, Фатма Бајрам Аземовска, Јасминка Секулова, Илче Димовски, Денис Арсовски и Андреа Здравковска).

Настанот го збогати настапот на поп-рок хорот „Битвокс“ под раководство на проф. Марина Коруновска, а во вториот дел од академијата беше прикажан документарниот филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“ во кој истакнати членови говорат за историјата и значењето на МНД, за неговата улога во современото живеење и перспективите кои тоа ги нуди. Филмот е во продукција на МНД, а е изработен од група млади ентузијасти студенти на УКЛО под менторство на своите професори од Педагошки факултет и Технички факултет-Битола.

 

Организацискиот одбор за свеченото одбележување на 65 години МНД е во состав: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, проф. д-р Силвана Нешковска, Весна Мундишевска-Велјановска, м-р Стефан Караџовски, проф. д-р Мимоза Јовановска-Богдановска, д-р Никола Главинче, проф. д-р Моника Агелоска-Дичовска, проф. д-р Лела Ивановска, проф. д-р Менде Солунчевски, д-р Гоце Марковски, м-р Билјана Марковска. Свечената академија ја водеше м-р Емилија Сарафска. Графичките дизајни на плакетите, признанијата, поканите, плакатите, банерите и сл. ги изработи Весна Мундишевска-Велјановска, фотографиите се на Ивона Кочов, а одговорен за видеото – Агим Џело.