Педагошки факултет ̶ Битола и Македонско научно друштво ̶ Битола започнаа со одржувањето серија ликовни работилници и активности во соработка со: предучилишните установи, основните и средните училишта, центрите за едукација на деца и млади, невладините организации и други културни и образовни институции.
Работилниците имаат за цел да поттикнат креативност, соработка и размена на знаења, развој на ликовни вештини и способности помеѓу студентите, децата, учениците, наставниците, професорите. Предвидени се различни активности од цртање, сликање, до креирање на заеднички уметнички дела под менторство на универзитетската професорка д-р Биљана Цветкова Димов, наставниците, професорите и студентите. Предвидените проектни активности имаат насока кон поголемо зближување на различни генерации преку уметноста и овозможување на простор за слободно изразување и заедничко творење.
Прва во серијата работилници беше Велигденската работилница со едукативниот центар ̶ Level Up од Битола. Настанот се одржа на 17.04.2025 година во просториите на Центарот.
Децата имаа можност да бојат велигденски јајца, да изработуваат декорации од гипс, хартија, картон и други ликовни материјали, да учествуваат во креативни игри, со помош и поддршка на студентите од Педагошки факултет-Битола (од насоката Воспитувач: Андреа Ушковска, Евгенија Јорданоска, Мартина Стојаноска, Славица Тодоровска , од насоката наставници: Александра Андоноска, Викторија Митревска, Ангела Дуковска, Тулин Бесим), а под менторство на проф. д-р Биљана Цветкова Димов, дипломиран воспитувач и дипломиран наставник по одделенска настава Билјана Чандџуковска, дипломиран социјален и рехабилитациски педагог Симона Нешковска. Работилницата беше исполнета со радост, боја и празничен дух, а нејзината цел да се поттикне креативноста, заедништвото и меѓуѓенерациската соработка, да се придонесе кон воспитно-образовниот и културниот развој на децата беше во целост исполнета.
„Ваквата взаемна соработка со студентите е повеќе од добредојдена за развојот на вештините и знаењата на нашите деца. Затоа во иднина ќе реализираме почести вакви средби”-истакна Билјана Чандџуковска дипломиран воспитувач и дипломиран наставник по одделенска настава, вработена во ОУ Крсте Петков Мисирков – Бистрица и воедно ко-сопственик на едукативен центар Level UP – Битола, локација ул. Крушевска Република бр. 19.
„Соработката претставува еден од клучните фактори за унапредување и развој на образованието. Поврзувањето на образовните институции со студентски организации, дипломирани кадри, невладини организации и локалната заедница создава простор за размена на знаења, искуства и добри практики“ – Весна Наумофф дипломиран воспитувач и дипломиран наставник по одделенска настава, советник во Биро за развој на образование и косопственик на едукативен центар Level UP – Битола.
„Особено е важно вклучувањето на студентите во процесот на неформално образование каде преку волонтерски ангажман и менторство тие стануваат активни чинители во образовниот процес. Оваа соработка носи обострани придобивки и за децата и за студентите”- нагласи Симона Нешковска, дипломиран социјален и рехабилитациски педагог, вработена во едукативен центар Level UP – Битола.
„Серијата работилници е насочена кон остварување на континуирана заложба за поврзување на млади професионалци во локалната заедница, придонес кон личниот и професионалниот развој на сите учесници, а пред сѐ студентите. Партнерството меѓу факултетите, училиштата, Македонското научно друштво – Битола, институциите кои образуваат деца и млади, невладините организации, едукативните центри и професионалци од различни области може да резултира со одржливи и позитивни промени во општеството, создавање на повеќе вакви можности за ангажман, развој и взаемна поддршка“-истакна проф. д-р Биљана Цветкова Димов.