ИСТОРИСКИ ЧАС НА МНД ВО РЕКТОРАТОТ НА УКЛО

За одбележување на 65 годишниот јубилеј на Македонското научно друштво – Битола беше одржан историски час на 24.4.2025г. во Ректоратот на УКЛО.

Историскиот час се одржа во Ректоратот бидејќи тоа е местото каде пред точно 65 години е основано Друштвото, чие седиште, денес, е во Народната универзитетска библиотека ,,Св. Климент Охридски” во Битола.

Делегацијата од МНД – Битола, предводена од претседателката на Друштвото, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, беше топло пречекана од Ректорот на УКЛО, проф д-р Игор Неделковски.

Претседателката д-р Андоновска-Трајковска во своето пригодно обраќање до присутните  го истакна фактот дека Македонското научно друштво – Битола и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги обединува еден симболичен континуитет на знаење, наука и култура, чии корени се длабоко вградени во зградата на Ректоратот во Битола. Имено, д-р Андоновска-Трајковска нагласи дека: „Оваа зграда, денес срцето на УКЛО, во 1960 година била дел од Околискиот државен архив во Битола, место каде што започнала приказната на МНД. Дваесет години подоцна, на истиот датум, 25 април, во 1979 година, овој простор станал сведок на основањето на вториот македонски универзитет – Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Оваа коинциденција не е случајна – таа е доказ за духот на заедништво и желба за развој на науката во Битола, градот кој секогаш бил расадник на знаење, просветителство и прогрес.“

Историскиот час беше збогатен и со претпремиера на документарниот филм „65 години наука, уметност и култура“, посветен на долгата и богата научно-уметничка и културна историја на Друштвото. За снимањето на филмот, зборуваше потпретседателката на МНД – Битола, проф. д-р Силвана Нешковска, која истакна дека филмот е сниман од месец јануари до месец април 2025 година на повеќе локации во Битола, од кои најзначајните се седиштето на МНД –Битола и Ректоратот, како две места кои се најтесно поврзани со историјата на Друштвото. Проф. д-р Нешковска го изрази своето огромно задоволство од соработката со студентите од УКЛО, кои со нивниот ангажман, идеи и техничка поддршка го помогнаа процесот на снимање и монтирање на филмот.

Документарниот филм кој финансиски е поддржан од Градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, трае точно еден час, и е поделен во 10 тематски сегменти во кои се откриваат клучни историски факти поврзани со основањето на Друштвото и неговите иницијатори, различните научни одделенија и активностите преку кои тие низ текот на годините ја промовираат науката, уметноста и културата, како и издавачката дејност и реализираните проекти на МНД, итн.

На настанот покрај проректорите и други вработени на УКЛО, беа присутни студенти како и претставници на Европската универзитетска алијансата КОЛОРС од Универзитетот во Падерборн, Германија, кои изразија желба за понатамошна соработка со МНД – Битола како асоцијативен партнер на Алијансата КОЛОРС.