Пред бројната публика од ученици и заинтересирани граѓани, во свечената сала на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 26.2.2025 година во 18 часот се одржа едукативната работилница од областа на културата на сеќавање на децата бегалци од Грчката граѓанска војна. Настанот беше во организација на Македонското научно друштво – Битола, а се состоеше од промоција на документарен филм: со наслов „Фаќачи на раселени сеќавања: случајот на Зиса Хаџиевски“ (МКД, 2019, 36’, видео продукција: DreamCast Production), по која следуваше дискусија со авторката Ивана Хаџиевска. Дискусијата ја модерираше етнологот Божидар Маслинко. Според авторката, целата на истражувачкиот процес беше испитување на теоретските и едукативните потенцијали на усните сведоштва на децата бегалци со што документарниот филм воедно претставува извор за усна историја како и полезен едукативен ресурс. Во воведните зборови, историчарот Стефан Караџовски – претставник на Македонското научно друштво – Битола истакна: „Вечерва ќе имаме можност да го проследиме документарниот филм кој преку усната историја ги осветлува судбините на македонските деца бегалци од Грчката граѓанска војна. Филмот е резултат на едногодишно истражување кое не само што ги зачувува сведоштвата на оние што ја преживеале оваа историска голгота, туку и отвора нови перспективи за разбирање на начинот на кој колективната меморија се пренесува низ генерации..“ Во дискусијата, едукативните аспекти беа појаснати и контекстуализирани од страна на наставниците Светлана Мирчевска од ОУ „Даме Груев“ и Филип Јаковлевски од Гимназијата „Јосип Броз- Тито“, кои зедоа учество со своите ученици.
Станува збор за првиот од серијата настани кои ќе ги реализира Одделението за историско-географски науки при МНД, со што се збогатува понудата на едукативни и научно-популарни настани во градот.

