„БИТОЛСКИ ХОРОЛОГИОН II“ НА ПРОФ. Д-Р МАРЈАН ТАНУШЕВСКИ, НОВО ИЗДАНИЕ НА МНД-БИТОЛА

Проф. д-р Марјан Танушевски, новинар на МИА, ја промовира авторската книга „Битолски хорологион II“, издание на Македонско научно друштво-Битола.

Книгата е мотивирана од сончевиот часовник, ремек дело изработено од мермер во 157 (CLVII) година, Хорологион, пронајден во Хераклеа Линкестис и содржи новинарски приказни од Битола и Битолско, објавени од МИА, матична куќа на Танушевски.

-Во 1985 година во Радио Битола ми беше доверена задачата да ја уредувам и водам младинската радио емисија „Од млади, за млади“. Токму тогаш, се запознав со верните пријатели – Што, Кој, Каде, Кога, Зошто и Како! Со нив, како вистински патоказ, движењето во овие 40 години во медиумскиот простор, за мене секогаш е со јасна фрекфенција и вибрација. Секако, годинава не ја чувствувам како јубилејна! Велат, историјата е филозофија која подучува со примери. Таа е сведок на времето, живот на спомените, весник за минатото. Врз овие принципи е публикувана книгата како продолжение од битолски приказни, објавени и во мојата матична куќа МИА, каде работам 20 години, рече Танушевски на промотивниот настан што се одржа во БАС-Битола.

Промоторот и рецензент на книгата, професор д-р Љупчо Јаневски за „Битолски Хорологион II“ напиша:

-Авторот проф. д-р Марјан Танушевски магично го враќа читателот низ децениите и вековите во кои Битола имала свој автентичен шарм и мирис потсетувајки ги сегашните жители на овој македонски град за објектите пред кои поминувале, поминуваат и ќе поминуваат. Леснотијата на неговиот навидум едноставен стил на пишување разбирлив за скоро сите, не нурнува во книгата која не можеме да ја оставиме се до нејзината последна страница создавајки една кохезија помеѓу читателот и страниците кои се листаат низ рацете на читателот. Се што авторот посочува во „Битолски Хорологион II“, карактеризирано од моја страна како живи приказни за градот Битола и нејзината околија, како ретко кој писател од овој крај на Македонија создава автентична мапа, како пајажина или народно кажано туристички крвоток на градот пред кој не треба да се сврти поглед, туку треба да се прочита и прераскаже на другите, истакна Јаневски.

Промоторот и рецензент м-р Валентин Соклевски за книгата рече дека книгата содржи одлично избрани теми, временски избалансирани, повеќеслојни, преполни со универзални вредности споени во духовно јадро кое зрачи со убавина и ненаметлива едукативност.

-Време, земја, културни хоризонти, природа, флора, фауна, уметнички креации, архитектура, куќи, цркви, џамии, икони, резби, обичаи, навики, книги, легенди…. Не би можел да кажам што е поубаво, поинтересно, поедукативно. Тешко е да одлучам. Зборови, приказни, сведоштва, вредности. Марјан Танушевски ја стави Битола во центарот на временскиот виор, човекот во центарот на настаните. Тој создаде повеќе димензионални, безвременски спомени на минатото кои се наследство за иднината, нагласи Соклевски.

Компјутерската обрабтка и дизајн на корица за книгата „Битолски хорологион II“ изработи Весна Мундишевска Велјановска, а ја отпечати „Графо Пром“ – Битола.