Реномираниот француски писател Жоел Верне и антропологот Франсоаз Фресон беа неколкудневни гости на Македонско научно друштво – Битола кое во соработка со УКЛО и Француска алијанса деновиве организираше и настан посветен на творештвото на Верне и промоцијата на специјален број на списанието Rumeur во кој се објавени шест македонски поети (Даниела Андоновска-Трајковска, Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски и Борче Панов). Претседателката на МНД, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска им ја претстави работата на Друштвото и им подари и примероци од списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ во кое пред неколку години се објавени поезија и интервју со Жоел Верне кога тој беше учесник на Струшките вечери на поезијата. На неколкуте средби беа разменети идеи за понатамошна соработка.
Жоел Верне е роден во село на границата од Haute-Loire and Lozère departments. Своето детство го поминал номадски на различни места во Франција. Подоцна се вратил во Маргериде, неговото родно село, и основал семејство. Тоа му биле години на среќа поврзана со природата, но и длабока самотија. Тој развива голема страст кон францускиот јазик, окситанскиот јазик, а развива и бунтовен дух. Во домот немал книги, но постоела длабока фасцинација од селаните ‘кои зборуваат како принцови’. Во 1975 година се преселил во голем град. Потоа следувало неговото прво патување во Западна Африка. Живеел во сиромашните населби на африканските престолнини. Ги истражувал алжирската Сахара, планините Орес, северен Мали, Судан и Египет. Подоцна тргнал на повеќе патувања низ светот, кои го одвеле во Централна Азија, Југоисточна Азија, Кавказот, Европа, Русија, Турција и Украина. Две години живеел во Алепо, Сирија. Со текот на годините, Жоел Верне објавил повеќе книги кај издавачите Lettres Vives, Fata Morgana, Cadex Éditions, L’Escampette, La Part des Anges, Le Temps qu’il fait, La Part Commune, Le Réalgar и La Rumeur Libre — дела што не можат да се класифицираат ниту како класична поезија ниту како патопис, а кои го слават и минијатурното и грандиозното и блиското и далечното. Во 2021 година ја добива поетската награда „Ередија“ на Француската академија за книгата L’oubli est une tache dans le ciel („Заборавот е дамка на небото“) објавена од Fata Morgana. Во 2025 година му е доделена Големата награда за поезија „Робер Ганзо“ за книгата Mon père se promène dans les yeux de ma mère („Мојот татко се шета во очите на мајка ми“), објавена од La Rumeur Libre, како и за целокупното негово творештво. Исто така во 2025 година, тој ја координирал антологијата Voix des Balkans („Гласови на Балканот“) за списанието Rumeurs, во издание на La Rumeur Libre во која се објавени шест македонски поети и тоа: Даниела Андоновска-Трајковска, Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски и Борче Панов. Во август 2021 година е поканет на Струшките вечери на поезијата и оттогаш неколкупати се враќа во Северна Македонија.
Франсоаз Фресон е родена во 1957 година во германско говорно подрачје во Швајцарија и живее во регионот Ардеш во Франција. По запознавањето со колекцијата „Тер Хумен“ кај неа се јавила желба да стане етнолог. Сепак таа првично научила да готви и отвори ресторан на село. Следеше промена на насоката и таа започна студии по психологија, се обучи за системска семејна терапија и работеше во психијатриска болница. Во вториот период од студиите таа го исполни својот сон да стане антрополог. За изработка на својата теза, таа помина повеќе од една година патувајќи по Патот на свилата, откривајќи како муслиманските жени живеат, работат и се мажат во постсоветска Централна Азија. Се врати збогатена со искуство кое беше решена да го сподели. „Градинар со капини“ е нејзина прва книга.

