Нов број на списанието „Современи дијалози“

 

 

современи дијалози

Македонско научно друштво-Битола го издаде најновиот број на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“.

Во најновиот број на списанието, на 200 страници објавени се творби и осврти за дела од 70 реномирани писатели од Македонија и од странство.

„Современи дијалози“ содржи извонредно интересни и разновидни авторски творби распоредени во седум рубрики. Во рубриката „Поезија“ се поместени 90 поетски творби од реномирани поети од Македонија, во „Проза“ се застапени 17 раскази и два извадока од романи, рубриката „Драма“ содржи извадоци од две драми, рубриката „Прикази, осврти, книжевни критики, рецензии“ има разновидна палета на видувања за 11 дела и еден есеј.

Во најновиот број на списанието, кое е составен дел од сегментот издаваштво на Националната програма на Министерството за култура, поместени се текстови кои се однесуваат на приемот на писателот Владимир Костов во МАНУ и доделувањето на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на професорката д-р Гордана Стојаноска, двајцата членови на МНД-Битола.

– Читателите може да се инфомираат и за животот и делото на францускиот книжевник Алфред де Вињи, препевот од француски на македонски јазик на неговата поема „Дивата“ и рубрика за меѓународна соработка во која се поместени 30 поетски и прозни творби од писатели од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Унгарија, Грција и Бугарија.

Новото издание на „Современи дијалози“ содржи илустрации од Петар Наневски, ликовен уредник и на овој број на списанието е Љубица Мешкова-Солак, а главен и одговорен уредник е професорката Весна Мундишевска Велјановска.

МНД-Битола го издава списанието со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Close Menu