На 7 февруари 2025 година со почеток во 11 и 30 ч, во просториите на Македонско научно друштво, се одржа невообичаен настан наречен „Млади академски гласови“ (МАГ) на кој студентите кои студираат англиски јазик и книжевност на Педагошкиот факултет – Битола, УКЛО – Битола, говореа за граѓаните за да ја доближат научната мисла до граѓанството и да покажат дека таа не само што не е отуѓена, херметички затворена и „неразбирлива“, туку е лесно сфатлива, интересна и сеприсутна во секојдневниот живот. Темите беа најразлични. Се зборуваше за врсничкото насилство, предрасудите, заробеноста од поседување материјални нешта, имањето хоби како лек за душата и можностите за препознавање на лагата од бихејвиористички аспект. Нивното претставување се темелеше на научни истражувања, факти и експерименти. Иако говорите беа на англиски јазик, беше обезбеден превод за присутните. Најинтересниот дел во целиот настан беше тоа што посетителите можеа да поставуваат прашања, а сето тоа овозможи топла и искрена дискусија меѓу студентите, професорите и посетителите на настанот.
.