ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА

На 27 март 2025 година, во читалницата „Горан Стефановски“ при НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, беше одбележан Светскиот ден на поезијата.

Во духот на одбележувањето, членови на Македонското научно друштво читаа поезија, пренесувајќи ја моќта на зборот и убавината на поетскиот израз. Дополнително, во читалната беа изложени картички со поетски творби, илустрирани со делата на Ранко Струмениковски, што даде дополнителна уметничка димензија на настанот. Дизајнот на картичките е дело на Весна Мундишевска-Велјановска.

На настанот се обратија директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, која ја истакна посветеноста на библиотеката во негувањето на книжевната култура и поддршката на македонските поети. Обраќање имаше и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на Македонското научно друштво – Битола, која говореше за значењето на поезијата како неизоставен дел од културното наследство и нејзината моќ да инспирира и поврзува генерации.

На картичките беа застапени кратки поетски творби од истакнати членови на Македонското научно друштво: Христо Петрески, Раде Силјан, Добре Тодоровски, Радован П. Цветковски, Менде Солучневски, Зоран Пејковски, Сашо Огненовски, Силвана Нешковска, Панде Манојлов, Елизабета Јончиќ, Златко Жоглев – Олгин, Петре Димовски, Милица Димитријовска-Радевска, Лили Бошевска, Весна Мундишевска-Велјановска, Кире Неделковски, Даниела Андоновска-Трајковска, Гордана Стојановска. Организатори на настанот беа Македонското научно друштво – Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.