Аргументирано дискутирање за економија и бизнис во организација на МНД и Центарот за професионални обуки и кариерен развој при Економскиот факултет – Прилеп

Македонското научно друштво – Битола и Центарот за професионални обуки и кариерен развој при Економскиот факултет – Прилеп организираа дебатен настан кој поттикна развој на критичко размислување, аргументирање и јавен настап кај студентите. На настанот „Аргументирано дискутирање за економија и бизнис“ кој се одржа на 28.05.2025 година на Економски факултет – Прилеп зедоа учество повеќе од 40 студенти. Целта беше да се охрабрат младите да размислуваат аналитички и да учествуваат во отворени дискусии за предизвиците на современата економија.

Настанот го модерираше студентката Ива Алмапијоска, а настапите ги оценуваше стручно жири составено од: проф. д-р Моника Ангелоска-Дичовска, проф. д-р Емилија Ѓорѓиоска и доц. д-р Виолета Глигоровски. На крајот беа прогласени најдобрите дебатни тимови и поединци. Настанот уште еднаш ја покажа важноста на поддршката за младите и вложувањето во нивниот личен и професионален развој.