На 28 февруари со почеток во 12 часот во Салата за промоции на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа предавање на тема „Организација и мерки на цивилната заштита во Република Северна Македонија“ по повод меѓународниот ден на цивилната заштита. Предавањето го организираше Македонското научно друштво – Битола, а го реализираа проф. д-р Менде Солунчевски и проф. Елизабета Апостоловска.
Цивилната заштита е најширока форма на организирање на субјектите и заедницата за заштита и спасување на населението и материјалните добра од природни непогоди и други несреќи. Целта на предавањето беше да се подигне свеста кај населението, субјектите (органи на државна управа, јавни установи и служби, јавни претпријатија…) и заедницата (општината и републиката) за важноста на цивилната заштита преку нивно ефективно и ефикасно организирање и преземање на мерки за заштита и спасување. Имено, на 1-ви март 1972 година е формирано првото меѓународно тело за цивилна заштита (ЦЗ). Во 1990 година Генералното собрание на ООН денот на формирање на Првото меѓународно тело на ЦЗ го изгласа за Меѓународен ден на ЦЗ.
На ова предавање во организација на МНД, проф. д-р Менде Солунчевски, член на МНД-Битола, говореше за субјектите и силите кои ја сочинуваат ЦЗ во Република Северна Македонија, додека проф. Елизабета Апостоловска, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување – Одделение за заштита и спасување – Битола, говореше за превентивните и оперативни мерки кои треба да ги спроведуваат субјектите и заедницата. Организацијата на ЦЗ, проф. Солунчевски ја гледа преку одговорните субјектите во двата системи: Системот за управување со кризи и Системот за заштита и спасување. Одговорни субјекти во Системот за управување со кризи се: Управувачкиот комитет, Групата за проценка, Центарот за управување со кризи и штабовите за управување со кризи. Одговорни субјекти во Систем за заштита и спасување се: Дирекцијата за заштита и спасување, единиците на локална самоуправа и силите за заштита и спасување. Сите наведени субјекти на национално, регионално и локално ниво во Системите за управување со кризи и заштита и спасување се во меѓусебна корелација. Во тој контекст проф. Солунчевски даде приказ за организациската застапеност на наведените субјекти на национално, регионално и на локално ниво на територијата на Битола и нивните меѓусебни корелации. Бројните субјекти укажуваат на сложеноста на ЦЗ како најшироката форма на организирање на субјектите и заедницата за заштита и спасување на населението и материјалните добра од природни непогоди и други несреќи. За нивна успешна функционалност неопходни се преземање на бројни мерки за заштита и спасување.
Во понатамошниот дел од предавањето проф. Апостоловска говореше за мерките за заштита и спасување кои е неопходно да ги организираат и преземаат субјектите и заедницата. Истите од аспект на времето на нивно преземање можат да бидат: превентивни, оперативни и асанациски, додека според видот можеме да ги дефинираме како: хуманитарни и урбанистичко-технички мерки за заштита и спасување. Во хуманитарни мерки за заштита и спасување се: Евакуација на населението; Згрижување на загрозеното и настрадано население; Радиолошко-хемиска и биолошка заштита; Прва медицинска помош; Заштита и спасување на животни и производи од животинско потекло; Заштита и спасување на растенија и производи од растително потекло; Асанација на теренот. Во урбанистичко-технички мерки за заштита и спасување се: Засолнување на населението; Заштита и спасување од поплави; Заштита и спасување од пожари, експлозии и опасни материи; Заштита и спасување од неексплодирани убојни средства; Заштита и спасување од урнатини; Заштита и спасување од техничко-технолошки несреќи; Спасување од големи сообрајќајни несреќи. Сите субјекти на национално, регионално и локално ниво во зависност од Проценката на загрозеност треба да организираат соодветни мерки за заштита и спасување и сили за заштита и спасување.


