На 19.8.2026 г. во попладневните часови во просториите на Македонското научно друштво – Битола (МНД), во рамките на меѓународниот фестивал ,,Книжевни вертикали” во организација на МНД, беше промовиран најновиот број 18 од списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво ,,Современи дијалози“ (издание на МНД) од уредниците на списанието Весна Мундишевска-Велјановска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Беше реализирана и тркалезна маса на тема ,,Вештачката интелигенција и книжевноста – предизвици и перспективи“ модерирана од проф. д-р Златко Жоглев на која учество зедоа поетите кои учествуваат на фестивалот, членовите на МНД, но и други заинтересирани граѓани. На тркалезната маса беше отворена дискусија за влијанието на ВИ врз современото книжевно творештво. Беа разгледани можностите за користење на ВИ како помошна алатка, но и прашањата поврзани со авторството, оригиналноста, интелектуалната сопственост и етичката транспарентност. Посебно внимание беше посветено на можностите што ги нуди ВИ за развој на нови книжевни форми и поголема достапност на творештвото. Заклучокот беше дека ВИ не треба да се гледа ниту како закана, ниту како замена за авторот, туку како алатка чија вредност зависи од начинот на кој се користи, при што човечката креативност и искуство остануваат во центарот на книжевноста.
Фото: Ивана Христова






