Реализирана првата работилница од проектот „Интерактивни работилници за литература за деца“ во организација на МНД

На 7.11.2025 г. во градинката ЈОУДГ „Бамби“ – Новаци, гостуваа писателките Весна Мундишевска-Велјановска и Елизабета Јончиќ. Најпрво беше претставена книгата за деца „Збрка во трка“ чиј автор е Весна Мундишевска-Велјановска. Претставувањето на книгата го подготви писателката Елизабета Јончиќ со ученичките Ана-Марија Велевска и Марија Грчевска од ДСУ Спортска Академија – Битола. Директорката на ЈОУГД „Бамби“ – Новаци, Билјана Талевска и воспитувачката Марија Крстевска подготвија работилница инспирирана од песните од книгата.

Ова беше првата работилница од серијата предвидени интерактивни работилници во основни училишта и градинки, со гостувања на роднокрајни писатели кои пишуваат литература за деца и млади, а кои ќе ги реализира Македонското научно друштво – Битола во соработка со реномирани писатели од Битола. Роднокрајните писатели кои ќе учествуваат во работилниците се членови на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонското научно друштво – Битола. Работилниците ќе се реализираат од Месецот на книгата, ноември 2025 г. до 2 април 2026 г., светскиот ден на литературата за деца.

Целта на овие работилници е да го поттикнат љубопитството и љубовта кон читањето за литературата за деца и млади, да го развијат критичкото мислење и естетската восприемчивост кај децата и младите преку непосреден контакт со писателите. Со интерактивни и контекстуализирани средби овие работилници придонесуваат за јакнење на културната свест и афирмација на роднокрајната книжевна традиција потикнувајќи активна читателска публика и воедно стимулирање на творечкиот потенцијал на младите.

Овие активности ќе ги реализира Македонското научно друштво – Битола со координирана соработка помеѓу писателите, наставниците и воспитувачите.