На 4 ноември во 12 ч. , во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше отворена изложба на фотографии, архитектонски приказни и книги во чест на Денот на ослободувањето на Битола со наслов „Битолска меморија“. Изложбата е во организација на Македонско научно друштво – Битола, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Cultural Connection, Факултетот за информатички и комуникациски технологии и Бабам Битола.
„Изложбата нè води низ тивките слоеви на Битола каде секоја фасада и секоја улица носат свој спомен. Ова е можност да погледнеме наназад, но и да се потсетиме колку е важно да го негуваме културното наследство што го имаме“ – изјави проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД Битола.
„Како директор на НУ Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, со гордост истакнувам дека Битола е дом на книгата и пишаниот збор, а нашата Библиотека често прави изложби на книги и периодични списанија кои се со релевантни податоци и говорат за градот наш со историска длабочина и документарна точност“ – истакна м-р Емилија Стефановска–Давкова, директорка на Библиотеката.
„Битола не зборува гласно, туку со детаљ, светлина и време впишано во камен и архитектура. Ова е наш обид да ѝ возвратиме со внимание, љубов и почит, да го негуваме тоа што нè обликува и да го зачуваме тоа што нè потсетува кои сме“ – рече м-р Стефан Караџовски, член на МНД, претседател на Cultural Connection и координатор на проектот.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на седмицата, а може да се посети и виртуелно на следниов линк http://bitolskamemorija.mk/


