КРЕАТИВНА РАБОТИЛНИЦА „БОИТЕ НА ЕСЕНТА“

Во рамките на соработката помеѓу Македонското научно друштво – Битола и Здружението за социо-креативен развој и меѓународна соработка „Креатив Конект“, на 9 октомври 2025 година во просториите на МНД – Битола, се одржа креативна работилница со наслов „Боите на есента“.

На работилницата учествуваа 17 лица од Македонија и Малта, кои преку различни техники на сликање и уметнички израз ги претставија своите визии инспирирани од убавините на есента. Настанот беше посветен на поттикнување на креативноста, културната размена и меѓусебното поврзување на учесниците.

Во рамките на активноста, присутните имаа можност да се запознаат со историјата и активностите на Македонското научно друштво – Битола, како најстара научна установа во Македонија, која со децении придонесува во развојот на науката, културата и образованието.

Работилницата претставува пример за успешна меѓуинституционална соработка во насока на промоција на креативноста, уметноста и интеркултурниот дијалог.

Двете организации најавија дека оваа активност е почеток на серија заеднички иницијативи кои ќе продолжат да ги поврзуваат науката, уметноста и заедницата.