ИН МЕМОРИАМ: ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР СТЕРЈОВСКИ (1933 – 2025)

Македонското научно друштво – Битола со длабоко жалење ја известува јавноста дека на ден 18 октомври 2025 година почина проф. д-р Александар Стерјовски, хорничар на Битола, универзитетски професор и долгогодишен член на МНД. Опелото ќе се изврши на ден 20.10.2025 год. во Храмот Св. Димитрија во Битола од 10:00 ч., а погребот ќе биде на истиот ден во 12:00 ч. на Буковските гробишта во Битола.

Проф. д-р Александар Стерјовски е роден во 1933 година во Битола. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Предавал на Педагошката академија во Битола, а потоа и на Факултетот за учители и воспитувачи, односно Педагошкиот факултет – Битола. Два пати бил проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Објавил над стотина статии од областа на фолклорот и битолската историја како и книгите „Брусник“ (1992), „Последниот охридски гуслар“ (1994), „Македонските слепи гуслари“ (1999), „Велушина“ (2001), „Водоснабдувањето на Битола пред водоводот“ (2008), „Еден век Црвен крст во Битола“ (2012), „Чествувања – Чествованија“ (2014), „Јавното здравство и превентивната здравствена заштита во Битола“ (2016). Од серијалот Битолско десеткнижие ги објавил книгите: „Битола – Руската колонија“ (2003), „Битола – Каријатиди на театарот“ (2004), „Битола – Реката Драгор“ (2009), „Битола – Записи за злосреќи“ (2012), „Битола – Спорт“ (2016), „Битола – Калеидоскоп“ (2017) и „Битола – Градби“ (2020). Бил раководител на големиот проект „Печатарството и издаваштвото во Битола“ (три тома 1998 – 1999). Бил долгогодишен член на редакцијата „Развиток“, а бил и иницијатор, главен и одговорен уредник на списанијата „Учител“ и „Битола низ вековите“ во издаваштво на Факултетот за учители и воспитувачи – Битола (сегашен Педагошки факултет – Битола). Два пати ја добил наградата 4 ноември, а во 2014 година и наградата за животно дело. Бил долгогодишен истакнат член на Друштвото за наука и уметност – Битола, односно на Македонското научно друштво – Битола.