Одбележување на 5 Мај и 7 јуни – 77 години од усвојувањето на македонската азбука и озаконувањето на македонскиот правопис

На 7 јуни 2022 г. во ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола се одржа училишна манифестација по повод 5 Мај (Денот на македонскиот јазик) и 7 јуни (денот на озаконувањето на правописот на македонскиот јазик) и одбележување на 77-годишнината од овие два важни датума. Учесници беа учениците од IX одделение под менторство на нивната наставничка по Македонски јазик, д-р Миме Тасеска-Китановска. Настанот беше поддржан од страна на Македонското научно друштво – Битола, директорката на училиштето, Љубица Стерјева и директорот на детскиот музички фестивал СИ-ДО, Дарко Шерденков.

Наставничката по Македонски јазик, д-р Миме Тасеска-Китановска,  и нејзините ученици реализираа повеќе активности во текот на овој настан, предвиден како дел од Годишната програма на Одделението за лингвистика и литература при МНД – Битола.

На почетокот од овој значаен настан, таа истакна: „Почитувани гости, почитувани присутни, на овој ден се одбележуваат 77 години од озаконувањето на правописот на македонскиот јазик. Токму затоа одлучивме да му придадеме важност и да го одбележиме. Втори август 1944 г., 5 мај 1945 г. И 7 јуни 1945 г. се извонредно важни датуми во хронологијата на нормирањето на македонскиот литературен јазик. Тие со право го носат и епитетот историски. Усвојувањето на азбуката и озаконувањето на правописот е голема добивка за македонскиот народ на културен план. Со тоа е ставен крај на стихијноста во развитокот на македонскиот литературен јазик и е направен решителен чекор за негово унифицирање. На овој начин се затврдуваат основите на единствената македонска писменост.“

Во рамките на програмата за настанот беше предвидена и проследена аудиоснимка на тема „Македонскиот јазик во периодот меѓу двете светски војни“. Следуваше есеј на тема „Македонскиот јазик од 1945 г. до денес“, напишан од страна на ученикот Филип Темелковски од IX-3 одделение. Беа прочитани песните и составите за јазикот како дел од литературниот конкурс. Со поетски и прозни творби настапија: Леона Соклевска и Кристина Пејковска (ученички од IX-3 одделение), Ева Трајковска, Јована Јакимовска и Андреја Џајковска (ученички од IX-5 одделение), Дарко Кулевски и Кристина Шарковска (ученици од IX-1 одделение) и Марко Марковски (ученик од IX-4 одделение).

Меѓу излагањата на учесниците – младите поети и прозаисти, беа проследени песните „Балерина“ и „Пијано“ на ученичките Илијана Мацанковска (од III одделение) и Симона Кузмановска (од IV одделение) од детскиот музички фестивал СИ-ДО од оваа година.

Ученикот Натанаил Михајловски од IX-3 одделение ги воведе сите присутни на овој настан низ лавиринтите на животот, преку неговиот есеј подготвен на еден од часовите по Македонски јазик.

Учениците Методи Петровски од IX-3 одделение и Михаела Деспотовска од IX-2 одделение ги прикажаа нивните цртежи – портретите за нивните омилени писатели, поети и познати личности (академикот Зоран Пејковски, писателот за деца и млади, Горјан Петревски и поетот за деца, Киро Донев).

Во рамките на оваа училишна манифестација беше организиран и квиз-натпревар за знаењата по предметот Македонски јазик. Се натпреваруваа два тима. Во првиот тим учествуваа учениците Кристина Шарковска, Дарко Кулевски и Теодор Матевски (од IX-1 одделение), а во вториот тим учествуваа учениците Леонид Степанулески, Марко Најдовски (од IX-3 одделение) и Антонио Груевски (од IX-1 одделение).

Сите ученици на оваа манифестација добија пофалници за учеството и за нивното залагање.